
Летниковците поставени на трим-патеката која води од Ајватовци до Бучинци станаа мета на крадци. Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, на својот Фејсбук профил објави дека дел од урбаната опрема која општината ја обезбедила со пари на граѓаните е украдена.
„Мораме да ги чуваме јавните добра. Општината ги реализира сите инвестиции со средства на граѓаните, и токму затоа е важно да го штитиме заедничкото“, напиша Георгиевски, апелирајќи до граѓаните да ги пријавуваат сите оштетувања и сторители на вакви дела. Според него, само со колективна грижа може Општина Илинден да стане модерно, уредено и пријатно место за живеење.
Во видеото објавено на социјалните мрежи, се гледа дека еден од украдените летниковци е пронајден – но не на трим-патеката, туку поставен на трактор во сред нива, што дополнително го нагласува апсурдот на овој чин.



























