
Охрид ќе биде домаќин на шестиот по ред Охрид Камп за високотехнолошка извонредност, кој ќе се одржи од 5 до 11 јули 2026 година, а организацијата Македонија2025 ја објави можноста за доделување на 20 стипендии за учество.
Оваа еднонеделна програма претставува уникатен спој на СТЕМ едукација и летно искуство, насочена кон деца од 11 до 15 години од Македонија и македонската дијаспора. Кампот не само што ги поттикнува младите да истражуваат кодирање, роботика и инженерско размислување, туку создава и платформа за тимска работа, креативност и културна размена во амбиентот на Охридското Езеро.
Програмата за 2026 година е создадена во партнерство со Центарот за технологија, роботика и иновации (CTRI), Brainster и iSource, поддржана од MASIT – Македонската асоцијација за информатичко-комуникациски технологии. Учесниците ќе работат со современи роботски платформи и технологии, вклучувајќи LEGO® Education и Fable robotics, создавајќи и тестирајќи сопствени роботски решенија.
Оваа година, фокусот е ставен на поврзување на технологијата со општествени и еколошки предизвици, со цел децата да развијат иновативни решенија што носат позитивно влијание во заедницата. Преку проектно ориентирана настава, младите ќе ги усовршуваат и вештините за 21-виот век – критичко размислување, креативност, лидерство, комуникација и тимска соработка. Кампот завршува со презентација и демонстрација на проекти и роботски решенија, направени од самите учесници.
Но, Охрид Камп не е само техничка авантура. Програмата нуди и богата културна и социјална компонента, која ја зближува македонската дијаспора со домашните учесници, поттикнува пријателства, и ги запознава младите со културното и природното наследство на Охрид. Претходните години во Кампот учествувале деца од САД, Канада, Германија, Данска, Кипар, Шведска, Франција и други земји, а организаторите се надеваат дека и оваа година ќе привлечат уште поширок меѓународен состав.
Право на аплицирање имаат деца од 11 до 15 години со интерес за кодирање и роботика, со посебен акцент на оние од социјално и економски ранливи семејства. Наставата се одвива на македонски и англиски јазик, обезбедувајќи интеркултурна размена и социјализација.
Рокот за аплицирање е 15 април 2026 година, а сите детали за програмата, начините на пријавување и потребната документација се достапни на официјалниот линк на Кампот.



























