
Албанија официјално го отвора патот кон домашно производство на оружје, воена опрема, дронови, анти-дронски системи, специјализирани возила и воени униформи, најави министерот за одбрана Пиро Венгу.
На прес-конференцијата посветена на новиот закон за увоз, извоз и транзит на огнено оружје и неговите компоненти, Венгу истакна дека земјата веќе склучила шест договори за формирање исто толку државно-приватни компании. Сите ќе бидат реализирани преку државната компанија KAYO, во партнерство со шест приватни фирми.
„Со овој закон се отвора нова фаза во развојот на домашната одбранбена индустрија“, рече Венгу, додавајќи дека Министерството за одбрана во соработка со Агенцијата за одбранбена индустрија ќе обезбеди одржлив синџир на снабдување за сите помошни производи од военото производство.
Министерот подвлече дека иницијативата е клучен чекор за усогласување со НАТО-стандарди, како и за зајакнување на националната безбедност и одбранбените капацитети. „Развојот на домашното производство не е само економски поттик, туку стратешка одлука за зголемување на производствената самостојност на нашата земја“, рече Венгу.



























