
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска лично присуствуваше на граничниот премин Блаце, давајќи јасна поддршка на домашните превозници кои од денеска започнуваат седумдневен предупредувачки протест. Протестот е координиран и со превозници од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а причината е новата обврска за електронска евиденција на возилата што транзитираат низ шенген-зоната.
„Овој протест не е агресивен, туку предупредувачки. Превозниците сакаат да покажат што би можело да се случи од 10 април натаму“, истакна Николоски. Според него, е крајно време земјите од шенген-зоната да најдат решение.
Тој ја презентираше и трите потенцијални опции за излез од ситуацијата: одложување на воведувањето на електронскиот систем, продолжување на дозволениот број денови за престој од 180 на 250, или третирање на превозниците како професионалци, а не како туристи, со можност за работа врз основа на визи – решение што веќе го применува Швајцарија.
„Доколку не се постигне договор, последиците ќе бидат сериозни, не само за македонската економија, туку и за целиот регион и Европа. Гледаме дека странските инвеститори, особено од ЕУ, користат нашиот регион за производство на полупроизводи кои потоа се извезуваат. Земјоделските производи, транзитот, Коридор 10 – целиот економски ‘крвоток’ е во прашање“, предупреди Николоски.
Николоски додаде дека Владата веќе една година апелира до Европската комисија, но до сега, како што рече, слухот бил ограничен. „Со оваа моќна порака од Западен Балкан верувам дека ќе се привлече внимание и ќе се најде решение што ќе го заштити економскиот ток“, нагласи тој.
Николоски потврди дека веќе водел разговори со грчкиот министер за транспорт и најави дека во среда ќе се сретне со својот хрватски колега во Загреб за координација на регионалниот притисок.



























