Населбата Стаклара во општина Кисела Вода конечно ќе добие чиста вода за пиење, откако започна реализацијата на проектот за изградба на водоводна мрежа – мега проект што жителите го чекаа повеќе од 50 години.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека станува збор за изградба на водоводна мрежа во должина од околу 6 километри, што ќе се реализира во две фази. Првата е поддржана од Министерството за животна средина преку Европската инвестициона банка, додека втората ќе се реализира со средства од буџетот на општината.
„Работа и само работа, а не празни флоскули е она што нас нѐ одликува. Кога се работи чесно за народот, резултатите се очигледни,“ порача Ѓорѓиевски.
Проектот предвидува изградба на пумпна станица, потисен цевковод до резервоар и главен цевковод низ самата населба. Со завршувањето на овие активности, Стаклара ќе биде последната населба во општината што конечно ќе добие соодветно водоснабдување.
Покрај оваа инвестиција, најавено е и асфалтирање на сите улици во населбата, со што Стаклара од „заборавено место“ треба да стане „нова гордост на Кисела Вода“.
Ѓорѓиевски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката што ја дава на локалната самоуправа, нагласувајќи дека оваа Влада, како никогаш досега, покажала дека граѓаните се на прво место.
„Продолжуваме понатаму“, заклучи градоначалникот.