Скопје вечерва блеска во духот на спортот, младоста и европското единство, со свеченото отворање на Летниот европски младински олимписки фестивал (EYOF) во спортскиот центар „Јане Сандански“. На спектакуларната церемонија парадираа делегации од 49 земји, а илјадници млади спортисти од цела Европа дефилираа со гордост, носејќи ги боите на своите држави и идеалите на фер-плејот.

„Скопје вечерва е центарот на Европа! Горди сме што ја шириме пораката за заедништво и инспирација токму од тука – од срцето на Балканот“, истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС.

Тој порача дека преку оваа манифестација, Скопје станува симбол на европскиот спортски и културен дијалог, отворајќи нови хоризонти за младите генерации и нивната поврзаност преку спортот и пријателството.
