УТРО.мк

Ѓорѓиевски: Ќе има постојано обновување на возниот парк на ЈСП, процесите ќе се планираат долгорочно

Ѓорѓиевски: Ќе има постојано обновување на возниот парк на ЈСП, процесите ќе се планираат долгорочно
Vero

Кандидатот за градоначалник на Скопје и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави темелна долгорочна стратегија за развој на јавните претпријатија во главниот град, меѓу кои и Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје.

Во гостување на телевизија Алфа, Ѓорѓиевски изјави дека нефункционалноста на ЈСП е меѓу првите пет приоритети на граѓаните и потенцираше дека решенијата мора да се базираат на плански пристап и долгорочна визија.

„Она што треба ние да го промениме е на долг рок да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Ќе има развојна стратегија, според која што ќе има постојано обновување на возниот парк“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави и дека програмата за Град Скопје, со која ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на претстојните локални избори, ќе биде изработена врз основа на реалните потреби на граѓаните.

„Почнавме една фаза, имам средби со граѓаните и прибираме идеи за креирањето на програмата. Според мене, единствен правилен начин да креирате програма е кога ќе ги слушнете граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.

Осврнувајќи се и на состојбата со противпожарната заштита, тој изрази благодарност до пожарникарите за нивната посветеност, но нагласи дека е неопходна модернизација на опремата и реформа на законската рамка.

„Противпожарната бригада многу одговорно и совесно ја врши својата работа. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат. Верувам во институциите и верувам дека правдата ќе излезе на виделина“, додаде тој.

Ѓорѓиевски порача дека градот мора да се развива со визија и континуитет, а јавните услуги да бидат достапни, ефикасни и сигурни за сите граѓани.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран