Од црквата „Св. Петар и Павле“ во скопската населба Лисиче вечерва беше свечено испратена коњаницата која традиционално тргнува кон Крушево во чест на големиот празник Илинден. Настанот, кој се одржува непрекинато од 1978 година, помина во патриотски дух и силна симболика поврзана со илинденското востание.

На испраќањето присуствуваше и градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека традицијата е длабоко вкоренета во идентитетот на македонскиот народ.

„Традицијата… таа е нашиот корен. Нашиот идентитет. Запишана во нашиот генетски код, таа нè обединува, нè зацврстува и нè води низ бурите на историјата“, порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ќе продолжи да дава личен придонес за продолжување на идеалот на Илинденците, бидејќи нивната борба, како што рече, е и денешна борба, а нивниот сон е и мисија на денешниот македонски народ.

„Македонија ќе живее! Ќе живее преку обединетиот и достоинствен македонски народ!“, заврши Ѓорѓиевски, испраќајќи ги коњаниците на патот исполнет со чест и симболика.
