Градоначалничкиот кандидат за Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше во потпишувањето на Декларација за заедничко делување со повеќе ромски партии, со цел да се обезбеди поддршка за Ерџан Демир, кандидат за градоначалник на општина Шуто Оризари.

„Ова е чин на вистинско обединување со јасна цел: подобро Шуто Оризари и достоинствено Скопје. Време е за нова енергија, за достоинство и развој, време е заедно да создадеме подобра иднина“, истакна Ѓорѓиевски.
Според договорот, Демир ќе ја предводи општината со поддршка од сите потписници на декларацијата: РОМ – Роми обединети од Македонија, Обединета партија за еманципација на Ромите, Демократска партија на Ромите, Сојуз на Ромите, Демократски сили на Ромите и Централна демократска унија.

Во својата програма, Демир најавува изградба на нов модерен стадион, културен дом „Есма Реџепова“, реконструкција на улиците, обновување на комуналната инфраструктура, создавање на Шуто Оризари без депонии, изградба на зелени површини и јавни простори, како и инвестирање во младите.
„На Шуто Оризари му е доста од хаос, запоставеност и неправда. Град Скопје нема да ве заборави“, порача Ѓорѓиевски.
Овој чекор се оценува како историски во политичкото обединување на ромските партии за поддршка на кандидат кој ветува системски промени и подобрување на условите за живот во општината.































