Вицепремиерот Александар Николоски најави дека од утре започнуваат 11 нови авиолинии од скопскиот и охридскиот аеродром, како дел од владините политики за подобрување на воздушната поврзаност и развој на туризмот.
„Политиките на Владата за привлекување на авиолинии ги даваат своите резултати. Од утре, 27 октомври, од Охрид ќе се лета кон Базел — важна дестинација што го поврзува Охрид со туристи од Швајцарија, Франција и Германија“, изјави Николоски.
Од скопскиот аеродром ќе почнат летови кон Стокхолм, Штутгарт, Бари и Ларнака, а од 3 ноември ќе бидат воведени линии до Женева и Мадрид. Од 15 декември ќе се лета и кон Прага и Келн, а во април наредната година и кон Будимпешта и Неапол.
Николоски нагласи дека ова претставува „револуција во авиосообраќајот“, бидејќи ваков број нови дестинации не бил отворен со децении.
„Расте бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром, расте бројот на туристи во Македонија и ќе продолжиме во овој правец. Добредојде на сите кои ќе слетаат во Охрид и Скопје и пријатно патување“, порача Николоски.































