Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска одржа отчет за својата четиригодишна работа и ги претстави реализираните проекти, нагласувајќи дека општината доживеала вистинска трансформација.

„Четири години заедно ја пишувавме новата приказна на Кисела Вода. Почнавме со многу предизвици, но денес резултатите се видливи насекаде,“ истакна Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека во изминатиот мандат биле обновени над 70 километри улици и патишта, изградени нови водоводни и канализациони линии и создадени над 80.000 квадратни метри зелени површини. Ѓорѓиевски нагласи дека со отворањето на пет нови и пет доградени градинки, целосно е укината листата на чекање за згрижување деца во општината.

Во образованието, според него, биле дигитализирани училиштата, поставени фотоволтаици, а по еден век започнала изградба на ново училиште „Св. Климент Охридски“ во Драчево.
Посебен акцент беше ставен и на спортот – 22 нови игралишта, 16 спортско-рекреативни центри, нови спортски сали и реконструкција на салата „Расадник“, како и изградба на затворен базен.

„Кисела Вода стана првата целосно дигитална општина во Македонија и дел од меѓународни мрежи за отворена власт и соработка. Во културата повторно отворивме кино и библиотека, а во животната средина исчистивме 246 диви депонии и поставивме систем за мониторинг на воздухот,“ додаде Ѓорѓиевски.
Тој ја промовираше и својата наследничка во општината – Бети Стаменковска Трајковска, за која рече дека ќе ја продолжи започнатата работа во Кисела Вода.
„Јас, пак, заедно со вас ја барам поддршката за следниот чекор – Скопје. Главниот град заслужува ренесанса со нова енергија, инвестиции, чист воздух, функционален јавен превоз и културен живот по мерка на граѓаните,“ порача Ѓорѓиевски.
Тој се заблагодари на граѓаните за довербата и додаде дека најдоброто допрва доаѓа.