
Голем шумски пожар избувна денеска на територијата на Општина Сопиште, веднаш над селото Чифлик, при што огнената стихија за кратко време се заканила да се прошири кон боровата шума на планината Водно.
Благодарение на брзата и координирана реакција на надлежните служби, бил спречен пожарот да загрози човечки животи и материјални добра, како и негово натамошно ширење кон шумскиот појас.
На терен интервенирале екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, Противпожарната бригада на Град Скопје, Доброволното противпожарно друштво на Општина Сопиште и екипи на ЈП „Паркови и зеленило“. Во гаснењето активно се вклучиле и жители од околните населени места.
Со ангажирање на сите расположливи сили, пожарот бил ставен под контрола, со што била спречена опасноста огнената линија да се прошири кон големата борова шума на Водно.
Од Општина Сопиште упатија благодарност до пожарникарите, припадниците на ДЗС, доброволците и локалното население кои учествувале во интервенцијата.

















