УТРО.мк

На боледување, а на одмор во странство – Ова се последиците

На боледување, а на одмор во странство – Ова се последиците
Vero

Министерството за здравство размислува да воведе нов механизам за контрола на боледувањата, по примерот на Словенија, со кој би можело да се пријавуваат лица кои користат боледување, а во исто време престојуваат на одмор надвор од државата.

Една од можностите е контролите во иднина да не се спроведуваат само по барање на работодавачот, туку и врз основа на анонимни пријави од граѓани.

Во Словенија постои електронски систем преку кој секој може да пријави сомнение за несоодветно однесување на лице кое е на боледување. Таму, меѓу другото, постојат ограничувања за движењето на лицата на боледување, како и забрана за работа на друга работа или излегување од државата без соодветно одобрение. Доколку се утврди злоупотреба, може да следува и враќање на исплатениот надомест.

„Имаат електронска пријава за несоодветен режим на однесување на пациентите, односно секој може да пријави ако некој е на боледување, а е отиден на одмор во Италија, а кај нас тоа не постои“, изјави министерот, додавајќи дека ова е еден од модалитетите за кои сериозно треба да се разговара.

Сепак, министерот посочува дека земјата е сè уште далеку од целосно воведување на словенечкиот модел.

Во меѓувреме се очекуваат и резултатите од контролата на боледувањата во Армијата. Извештајот сè уште не е завршен, бидејќи контролата е пообемна од онаа спроведена во Министерството за внатрешни работи.

Министерот очекува наодите да бидат слични на резултатите од контролата во МВР, каде што Фондот за здравствено осигурување утврдил дека секое петто боледување било неправилно.

Правилата за користење боледување, според Министерството, не се ревидирани од 2012 година. Во периодот од 2021 до 2025 година, бројот на боледувања до 30 дена се зголемил за 33 проценти, додека бројот на корисници е зголемен за шест проценти.

Најчесто утврдувани дијагнози кај кратките боледувања се респираторни инфекции на горните дишни патишта и гастроентеритис. Долготрајните боледувања, пак, се движат на приближно исто ниво – околу 25 илјади годишно.

Иако бројот на долготрајните боледувања не бележи значителен раст, од Министерството посочуваат дека финансискиот износ што се исплаќа за нив е зголемен за неколку пати.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin