Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска додели 56 стипендии на најуспешните ученици од општинските основни училишта, во рамки на програмата што локалната самоуправа ја реализира четврта година по ред.
Стипендиите беа доделени на 11 првенци на генерација кои наставата ја следат на македонски, албански и турски јазик. Секој од нив доби еднократна стипендија во износ од 12.000 денари. Дополнително, стипендии од по 6.000 денари им беа доделени и на ученици од 5, 6, 7 и 8 одделение од сите три наставни јазични групи.
„Општина Бутел инвестира во образованието како никогаш досега. Образованието е клучен фактор во формирањето на личноста и има суштинско влијание врз идниот развој на секое дете. Со доделувањето стипендии даваме поддршка на учениците и ја вреднуваме нивната посветеност, труд и постигнувања во текот на целата учебна година“, соопштија од Општината.
Стипендиите претставуваат дел од континуираните заложби на општината за поддршка на младите и поттикнување на академската мотивација меѓу учениците од сите заедници.