По големиот пожар кој вчера ја зафати фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, на лице место излезе јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Кочани. Како што соопштија од Обвинителството, увидот засега не може да започне, бидејќи пожарот не е целосно изгаснат, но се издадени наредби и насоки за понатамошни дејствија со цел целосно испитување на настанот.
Министерството за здравство информира дека 13 лица се хоспитализирани, сите во стабилна здравствена состојба. Осум вработени од фабриката се згрижени на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани. Повредите се главно изгореници и инхалациони повреди од вдишување чад.
Огнот, кој според Центарот за управување со кризи избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8, го гаснеа противпожарни екипи од повеќе градови. Билансот засега е три уништени погони. До пладне денеска, пожарот е ставен под контрола.
Стопанската комора соопшти дека била вклучена во напорите за справување со огнената стихија и најави формирање кризен штаб заедно со сопственикот на фабриката, нивна членка, со цел што побрзо нормализирање на состојбите.