УТРО.мк

Уште еден град во Македонија со бактериолошки неисправна вода од водоводот

Уште еден град во Македонија со бактериолошки неисправна вода од водоводот
Vero

Жителите на Крушево добија препорака да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако контролите покажале бактериолошка неисправност. Надлежните институции апелираат граѓаните да користат исклучиво пакувана вода додека не се потврди исправноста на водоснабдителниот систем.

Од ЈП „Комуна“ – Крушево информираа дека по редовната контрола на квалитетот на водата, спроведена од Центарот за јавно здравје – Прилеп, е утврдено присуство на бактерии од цревно потекло, како и отсуство на резидуален хлор.

Поради тоа, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, а граѓаните се советуваат да употребуваат пакувана вода.

Од претпријатието посочуваат дека водата може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови, но само по претходно превривање во траење од најмалку 10 минути.

Препораките ќе бидат на сила сè до добивање на три последователни исправни примероци од водата.

„Центарот за јавно здравје – Прилеп ќе биде во постојана комуникација со надлежните институции и ќе ги информира жителите на Крушево за понатамошниот тек на состојбата“, соопштија од институцијата.

Проблемот со квалитетот на водата во Крушево доаѓа во период кога повеќе населени места во земјава се соочуваат со слични проблеми. По кризата со водоснабдувањето во Гостивар, забрана за користење вода за пиење беше воведена и во Валандово поради зголемено ниво на арсен.

Дополнително, деновиве граѓани пријавија сомнежи за квалитетот на водата и во други места, по што се побараа дополнителни анализи и контроли од надлежните институции.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin