
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 30 глоби во вкупна вредност од 7.750 евра, донесе 12 решенија за забрана за вршење дејност и привремено затвори 11 нерегистрирани оператори со храна по вонредните инспекциски контроли спроведени во Гостиварско.
Инспекторите извршија 70 вонредни надзори во кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, како и кај производители и продавачи на храна, со посебен акцент на почитувањето на забраната за користење на водата од градскиот водовод.
Добрата вест е дека угостителските објекти ја почитувале забраната. За подготовка и послужување на храна, како и за миење на садовите, работните површини и опремата, користеле пакувана или друга безбедна вода, а на гостите им биле послужувани пијалаци во пластични и хартиени чаши со соодветен прибор.
Сепак, инспекторите откриле низа други неправилности. Кај пет оператори не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, додека кај 18 не биле извршени задолжителните здравствени прегледи на вработените.
Особено загрижува тоа што 11 правни лица работеле без да бидат регистрирани како оператори со храна во АХВ. Покрај паричните казни, тие добиле и привремена забрана за работа сè до нивното регистрирање.
Во текот на контролите, кај два оператори биле пронајдени 18 килограми небезбедна храна, која веднаш била повлечена и нештетно уништена.
Од АХВ повторно апелираат и до операторите со храна и до граѓаните строго да ја почитуваат забраната за користење на водата од градскиот водовод сè додека трае мерката, со цел да се спречи ширење на зарази и да се заштити јавното здравје. Воедно, ги повикуваат граѓаните секое непочитување на забраната да го пријават до Агенцијата или преку бесплатната телефонска линија за потрошувачи.

















