УТРО.мк

„Богот на хаосот“ ќе помине покрај Земјата: Милијарди луѓе ќе можат да го видат огромниот астероид

„Богот на хаосот“ ќе помине покрај Земјата: Милијарди луѓе ќе можат да го видат огромниот астероид
Vero

Огромниот астероид Апофис, познат како „Богот на хаосот“, ќе помине многу блиску до Земјата во 2029 година, во еден од најблиските предвидени прелети на големо вселенско тело во историјата на астрономијата.

Според податоците на НАСА, астероидот е долг околу 340 метри, што е приближно колку висината на Ајфеловата кула. При неговото поминување, Апофис ќе биде поблиску до Земјата отколку што се наоѓаат многу сателити во геосинхрона орбита, која е на околу 36.000 километри над површината на планетата.

Апофис беше откриен во 2004 година, а првичните пресметки предизвикаа загриженост кај научниците бидејќи постоеше можност за удар во Земјата при неговото поминување во 2029 година. Во еден момент веројатноста за удар беше проценета на 1,6 проценти, поради што астероидот привлече големо внимание во јавноста.

Токму поради потенцијалната опасност, Апофис го доби името според староегипетскиот бог на темнината, хаосот и нередот.

Сепак, дополнителните набљудувања и попрецизните пресметки целосно ги променија проценките. НАСА денеска наведува дека нема опасност Апофис да ја погоди Земјата најмалку во следните 100 години. Неговата проценка на Торинската скала за опасност е намалена на ниво 0, што значи дека не претставува закана за планетата.

Наместо опасност, прелетот во 2029 година ќе биде уникатна можност за научниците да го проучуваат ова големо вселенско тело. Европската вселенска агенција (ЕСА) проценува дека астероид со големина како Апофис се приближува толку блиску до Земјата само еднаш на секои 5.000 до 10.000 години.

НАСА веќе подготвува посебни набљудувања и мисии за време на неговото поминување. Научниците сакаат да испитаат како гравитацијата на Земјата ќе влијае врз орбитата, ротацијата и површината на астероидот.

Особено интересен е фактот дека прелетот ќе може да го набљудува огромен број луѓе. Според проценките, околу 90 проценти од светското население, односно приближно 7,6 милијарди луѓе, ќе имаат можност да го видат Апофис.

Астероидот ќе биде видлив од Европа, Африка, Азија, Австралија и источните делови на Јужна Америка, а се очекува да може да се набљудува околу седум часа.

Она што некогаш предизвикуваше страв, денес претставува една од најголемите астрономски атракции на овој век – ретка можност човештвото да стане сведок на минување на огромен астероид во близина на Земјата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin