Тетовската Клиничка болница денеска објави конкурс за вработување на 119 медицински работници – најголем досега во историјата на установата. Директорот Ерсен Ељези на прес-конференција истакна дека ова е директен одговор на неодамнешните протести на хонорарно ангажираните вработени, кои бараа сигурност и трајно вработување.
„Ова е најголем број на трајни вработувања од основањето на болницата. Целта ни е јасна – стабилен и стручен кадар и подобри здравствени услуги за сите граѓани“, рече Ељези.
Конкурсот се однесува исклучиво на медицински персонал, додека за административните служби ќе има одделен оглас преку Агенцијата за администрација. Аплицирањето трае само пет дена, до понеделник, по што ќе следуваат тестирања од Министерството за здравство.
На новинарско прашање дали постапката е законска со оглед на претстојните избори, Ељези одговори дека „сè ќе се спроведе во рамки на законот и согласно утврдените рокови“.
Конкурсот следи по серијата протести во мај и јуни, кога повеќе од 100 хонорарци – медицински сестри, болничари, техничари и лекари – побараа сигурни работни места. Министерот за здравство Азир Алиу веќе се сретна со нив, а оваа одлука се смета за прв конкретен чекор во исполнување на ветувањата дадени од централната власт.