Диме Чучуро замина тивко, онака како што и живееше. Човекот кој му го врати животот на прилепскиот Градски Саат и се грижеше за него, како што и самиот велеше, како за свое дете, го напушти овој свет во годината кога се одбележуваат 200 години од неговата изградба.
Со овие реченици се простува од Диме Чучуро, неговиот сограѓанин Зоран Милошески.
Градскиот Саат, споменикот на култура заштитен со закон, е симбол и заштитен знак на Прилеп. Чучуро, пак, беше синоним за Саатот, пишува Милошески.
„Во 12-те години колку што го одржуваше, поправаше и водеше сметка за него, стрмните и тесни 63 камени и 23 дрвени скали од 55 метри високата градба, неуморниот Чучуро ги имаше искачено над 2.000 пати. Диме Чучуро беше еснаф чоек, коцка од мозаикот на прилепската Стара чаршија. Прилеп го сакаше, за „Победа“ живееше“
Над влезната врата на Градскиот Саат има натпис на кој со арапски букви е напишано: „Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува, саатот жали и вика …„Ах…“. Без Чучуро, Градскиот Саат повеќе нема исто да чука. Вечен да ти е споменот, драг пријателе, се прошталните зборови во објавата на Милошески.
























