УТРО.мк

„Стрежево“ привлекува посетители и без скијање: Пелистер омилена дестинација за зимска прошетка

„Стрежево“ привлекува посетители и без скијање: Пелистер омилена дестинација за зимска прошетка
Vero

И покрај тоа што недоволната снежна покривка го одложува почетокот на скијачката сезона на Пелистер, ски-центарот „Стрежево“ и понатаму бележи зголемена посетеност и интерес од граѓаните.

Жители на Битола, како и посетители од други градови, секојдневно се упатуваат кон Баба Планина за да уживаат во чистиот планински воздух и зимската атмосфера. Во моментов, снежната покривка во ски-центарот изнесува околу 10 сантиметри, што не е доволно за старт на скијачките активности.

„За пуштање на ски-лифтовите во работа потребни се најмалку 40 сантиметри снег. Иако условите не се исполнети, центарот воопшто не е празен – напротив, посетеноста е голема“, изјави за Македонската телевизија Александар Цветановски од ски-центарот „Стрежево“.

Тој истакнува дека и без активна ски-сезона, просторот е жив и динамичен, со голем број посетители кои доаѓаат за прошетка, рекреација и краток одмор.

„Секојдневно имаме значителен број гости кои го користат просторот за релаксација. Како ски-центар сме задоволни од интересот, особено ако се има предвид дека ски-лифтовите не се во функција“, додава Цветановски.

На зголемената посетеност значително придонесува и бесплатниот превоз, кој и оваа година се реализира во соработка со Општина Битола, Меѓуопштинското јавно претпријатие „Пелалинк“ и јавното претпријатие „Стрежево“.

Превозот се одвива секој работен ден, со поаѓање во 08:00 часот од пред спортската сала во Битола и враќање од ски-центарот во 13:00 часот, мерка која, според раководството, има значаен ефект врз посетеноста.

Во рамки на ски-центарот, чајџилницата работи секојдневно од 08:00 до 15:00 часот, а посетителите истакнуваат дека и без скијање, „Стрежево“ нуди пријатен зимски амбиент, можности за рекреативни прошетки и бегство од градската врева.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран