
Во периодот од декември 2021 до декември 2025 година, СОУ „Таки Даскало“ во Битола доживеа значајна инфраструктурна и техничка трансформација. Со поддршка на Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски, реализирани се повеќе капитални проекти насочени кон подобрување на условите за настава, спорт и секојдневно функционирање на училиштето.
Во насока на унапредување на спортската инфраструктура, реконструирани се надворешните терени за мал фудбал, ракомет, кошарка и одбојка, кои сега располагаат со современо осветлување.
Дополнително, Министерство за образование и наука изврши целосна реконструкција на двете внатрешни спортски сали – кошаркарската и гимнастичарската, со што значително се подобрени условите за одржување на наставата по физичко образование и спортските активности.
Училишниот двор е целосно поплочен и хортикултурно уреден, со поставена нова урбана опрема. Вредноста на оваа инвестиција надминува 4,4 милиони денари.
За вработените е изграден и нов паркинг простор со површина од 418 метри квадратни, поплочен со бехатон плочки и опремен со електронска рампа за контролиран пристап.
Во рамки на заложбите за енергетска одржливост, поставена е фотоволтаична централа со моќност од 40 kW на Блок А, со што училиштето ги задоволува сопствените потреби за електрична енергија, а вишокот се пласира во мрежата.
Паралелно, инвестирано е во модернизација на наставниот процес преку:
набавка на нова компјутерска и ИКТ опрема во вредност од 888.505 денари,
нов училишен мебел, табли и столчиња,
современи нагледни средства за сите струки.
Подобрена внатрешна инфраструктура
Во изминатиот период значително е освежена и внатрешноста на објектот:
заменети се 52 стари врати во училниците и кабинетите,
извршена е целосна замена на електричната инсталација во Блок Б,
реконструирани се внатрешните скали,
спроведено е редовно бојадисување и тековно одржување на просториите.
Со овие инвестиции, СОУ „Таки Даскало“ добива современ и функционален лик, кој овозможува поквалитетен воспитно-образовен процес и подобри услови за учениците и наставниот кадар, потврдувајќи ја заложбата за континуирано унапредување на средното образование во Битола.























