По неколку дена со исклучително високи температури што на места надминуваа 43 степени, од утре започнува постепено освежување, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
За денеска повторно се најавени температури од 36 до 43 степени, со УВ индекс 9, додека најтопло ќе биде во Скопје – до 43 степени. Сепак, од недела попладне се очекува локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Поголема промена ќе настапи од понеделник, кога времето ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно. Ќе има услови за повремени врнежи од дожд, локално и поројни, проследени со грмежи, особено во вторник.
Температурите значително ќе опаднат – до средината на наредната недела се очекува дневните максимуми да бидат за 8 до 10 степени пониски од денешните.