Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, беше гостин во емисијата „Актуел“ на ТВ Тера каде што зборуваше за големиот проект за спортска сала и спортски комплекс во Битола.
„Се работи за проект кој бара општа поддршка од јавноста и можеби изненадува, но не за мене, ако се има предвид дека Битола е град кој живее за спортот и има извонредни спортски резултати како никој друг во Македонија во овој момент“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека во сите анкети меѓу десетте најважни проекти, спортскиот комплекс е на прво место. „Ова нема да биде само спортски комплекс, туку еден нов реонски центар. Тој дел од градот сега е пуст, но со овој проект ќе се развива целосно. Некои размислуваа дека можеби ќе биде тој дел бетонизиран како касарната, но тоа нема да се случи,“ појасни градоначалникот.
Коњановски очекува спортскиот комплекс да стане клучен дел од идниот развој на Битола и место каде што спортот ќе добие нова димензија во градот.