Голем шумски пожар што беснее во кривопаланечкото село Нерав сè уште не е ставен под контрола, и покрај напорите на повеќе противпожарни и државни служби. Поради сериозноста на ситуацијата, во гаснењето ќе се вклучат и припадници на Армијата на Република Македонија (АРМ), информираше командирот на ТППЕ Крива Паланка, Иле Коцевски.
Пожарот избувнал вчера околу пладне и досега зафатил површина од околу 100 хектари борова шума. Поради непристапниот терен, силниот ветер и високите температури, пожарот се шири неконтролирано.
„Во неколку наврати нашите животи беа во опасност поради префрлање на пламените јазици. Моравме да евакуираме дел од населението и стоката. За среќа, спречивме огнот да стигне до куќите“, изјави Коцевски.
На терен се ангажирани територијалните противпожарни единици од Крива Паланка и Ранковце, екипи од ЈП „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство „Осогово“, припадници на МВР, како и жители од селата Нерав и Трговиште. Поддршка пристигна и од Противпожарната единица од Трговиште, Србија.
Пожарникарите се на терен веќе 30 часа, а надежта за природна помош од дождот не се оствари. Армиските сили се очекуваат во текот на вечерта, со што се надеваат дека ќе се стабилизира ситуацијата и ќе се спречи понатамошното ширење на огнената стихија.