Високите температури и сувата вегетација го направија денот 25 јули 2025 година еден од најкритичните досега – со шест активни пожари низ државата, од кои некои сериозно се закануваат на населени места.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 13:00 часот евидентирани се вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои шест се активни и надвор од контрола, четири се ставени под контрола, а уште четири се целосно изгаснати.
Најопасна е ситуацијата во југоисточниот и источниот дел на земјата. Во општина Василево пожарот кој почнал кај селото Нивичино се проширил кон планинските предели Голем Готен и Малешевските Планини, уништувајќи голема површина од густа шума. Гаснењето е силно отежнато поради непристапниот терен и силниот ветер.
Во Прилеп огнот беснее кај селото Бешиште, а се шири и кон Градешница. Таму гори мешана шума, а пожарникарите се борат со пламени јазици кои брзо се движат поради ветерот.
Пожари се активни и кај Македонски Брод – меѓу селата Црешнево и Грешница, како и во Штип, меѓу селата Драгоево и Селце. Во Карбинци пожар избувнал кај Јунузлија, а во Зелениково гори кај селото Гумалево.
Добра вест е што дел од пожарите се ставени под контрола. Во Прилеп, кај Царевиќ и Смолани, како и два пожари кај Македонски Брод се стабилизирани. Исто така, контролирана е ситуацијата и во Желино.
Целосно изгаснати се четири пожари: во Ресен, кај селото Долно Перово, двата пожара во Кочани, како и пожарот кај селото Латово во Македонски Брод.
Состојбата останува алармантна. Надлежните апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни, да не палат оган на отворено и да пријават секој забележан пожар. Секоја искра може да биде кобна.