
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, им честиташе на младите спортисти за нивните успеси, истакнувајќи дека секоја освоена победа е резултат на дисциплина, истрајност и силен тимски дух.
Тој нагласи дека нивните достигнувања се доказ дека кога младите имаат поддршка и веруваат во себе, можат да постигнат врвни резултати.
„Вашите успеси не се само ваши лични достигнувања. Тие се гордост за вашите семејства, за професорите, тренерите кои беа покрај вас, но и за целиот Прилеп. Ви благодарам што покажавте дека со работа, посветеност и заедништво се создаваат вистински шампиони“, порача Проданоски.
Тој упати честитки до младите ракометари од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, кои го освоија државното првенство за основни училишта, како и до фудбалерите од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, кои како минатогодишни државни шампиони достојно ја претставуваа Македонија на Европското првенство во футсал за средни училишта.
Проданоски ги охрабри младите спортисти да продолжат со истата посветеност и никогаш да не престанат да си поставуваат повисоки цели.
„Секој ваш успех е уште една потврда дека Прилеп има млади луѓе со знаење, карактер и победнички дух. Од срце ви честитам и ви посакувам ова да биде само почеток на уште многу спортски и животни победи“, истакна градоначалникот на Прилеп.

















