УТРО.мк

Цените на нафтата продолжуваат да паѓаат

Цените на нафтата продолжуваат да паѓаат
Vero

Цените на суровата нафта и натаму се во опаѓање, поттикнати од позитивните сигнали за смирување на тензиите на Блискиот Исток и очекувањата за зголемена понуда на светскиот пазар.

Според британскиот весник „Гардијан“, аналитичарите на „Ситигруп“ прогнозираат дека цената на нафтата од типот „брент“ би можела да се намали на околу 60 долари за барел до крајот на годинава, што би било најниско ниво од јануари. Во последните месеци „брент“ веќе бележи значителен пад, од околу 126 долари за барел на крајот на април на приближно 72 долари.

На лондонскиот пазар барелот вчера се тргуваше по цена од 70,79 долари, што е за 78 центи помалку во однос на претходното затворање. Истовремено, американската сурова нафта поевтини за 90 центи и достигна цена од 67,68 долари за барел.

Дополнителен фактор што придонесува за стабилизација на пазарот е повторното товарење на нафта на терминалот Рас Танура во Саудиска Арабија, откако САД и Иран воспоставија рамка за разговори насочени кон намалување на регионалните тензии.

Според поморски податоци, најмалку пет супертанкери со околу 10 милиони барели нафта на „Сауди Арамко“ веќе го напуштиле терминалот и го преминале Ормускиот Теснец кон Оманскиот Залив. Во близина на терминалот се наоѓаат уште четири танкери од класата VLCC, од кои три чекаат товарење, а еден е целосно натоварен.

Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави на 23 јуни привремено ги суспендираа санкциите за извоз на иранска нафта по првата рунда разговори за прекин на конфликтот. Американското Министерство за финансии издаде 60-дневна дозвола за производство, транспорт и продажба на иранска нафта, како и за нејзин увоз во САД.

Дозволата ќе важи до 21 август и ги опфаќа испораките на сурова нафта, петрохемиски и други нафтени производи со иранско потекло, што дополнително ги зајакна очекувањата за поголема понуда на светскиот пазар и продолжување на трендот на пониски цени на нафтата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin