
Градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска се осврна на првите 100 дена од неговиот мандат, истакнувајќи дека периодот бил исполнет со посветена и системска работа.
„За почеток донесовме поголем и развоен буџет, започнавме инфраструктурни проекти и вложивме во образованието, спортот, животната средина, социјалната поддршка и културниот развој, поставувајќи темели за вистинска трансформација на нашиот град“, рече Проданоски.
Тој нагласи дека довербата се гради со резултати и дека работат одговорно, чесно и транспарентно, со јасна визија за модерен, зелен и економски развиен Прилеп. Градот ќе се фокусира на уредена инфраструктура, чиста средина, поддршка за младите и за секое семејство.
„Ова се само првите чекори. Пред нас се години на работа, инвестиции и нови успеси. Верувам дека заедно, со доверба и заедничка енергија, ќе изградиме иднина каква што заслужуваат сегашните и идните генерации“, додаде Проданоски, повикувајќи ги граѓаните на продолжување на заедничката посветена работа за Прилеп.























