
Во Прилеп беше одбележана 10-годишнината од постоењето и работењето на компанијата „Гентерм“ во ТИРЗ Прилеп. По тој повод, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека компанијата во изминатата деценија прераснала во значаен двигател на локалниот економски развој.
Проданоски посочи дека значењето на „Гентерм“ за Прилеп се огледа пред сè во работните места и можностите што компанијата континуирано ги создава за граѓаните од 2016 година, но и во инвестициите, примената на нови технологии, знаењето и соработката со локалниот бизнис сектор.
„Како Општина, ќе продолжиме да бидеме партнер на компаниите кои инвестираат, растат и создаваат нови можности, затоа што силен и развиен бизнис сектор значи и посилна локална економија и повеќе можности за нашите граѓани“, порача Проданоски.
Тој ја нагласи и општествената одговорност на „Гентерм“, посочувајќи ја поддршката што компанијата ја обезбедува за образованието, младите, спортот, културата и бројни локални иницијативи.
„Овој јубилеј е повод да се честита на сите вработени, на менаџментот и на сите кои во изминатите 10 години беа дел од оваа успешна приказна“, истакна градоначалникот.
Проданоски упати честитки до компанијата по повод јубилејот, посакувајќи ѝ уште многу успешни години, нови инвестиции, нови работни места и нови достигнувања во Прилеп.















