
Летната сезона дополнително ја зголеми побарувачката на работници во угостителскиот сектор, каде што компаниите сè потешко наоѓаат кандидати за отворените работни позиции.
Според последните податоци од Агенцијата за вработување, меѓу најбараните занимања во земјава се продавачите, операторите во кол-центри, хигиеничарите, возачите, келнерите и општите работници.
Најголема побарувачка има за продавачи, за кои се отворени 496 работни места. Веднаш зад нив се операторите во кол-центри со 490 слободни позиции, додека за хигиеничари на станбен и деловен простор има 407 отворени места.
На четвртото место се келнерите, со 368 слободни работни позиции. Зголемената побарувачка за ова занимање се поврзува со сезоната, но и со одливот на работници кои заминуваат на работа во туристичките места во регионот и пошироко.
Висока побарувачка има и за шанкери, за кои во моментов се бараат 303 работници. За општи работници се отворени 307 позиции, додека има потреба и од 237 административни службеници и 192 работници за сортирање.
Интересно е што за програмери, професија која често се смета за привлечна кај младите, моментално има отворени 119 работни места.
Гледано според секторите, најмногу слободни работни места има во трговијата на големо и мало, со вкупно 1.582 позиции.
На второ место е секторот сместување и послужување храна, каде што има 1.525 отворени работни места, додека на третата позиција се административните и помошните дејности, со 1.178 слободни позиции.
Податоците покажуваат дека потребата од работници е особено изразена во услужните дејности, а сезонската работа дополнително ја зголемува побарувачката за кадар во угостителството.

















