
Авионските патувања би можеле дополнително да поскапат, а дел од летовите да бидат укинати поради високите цени на авионското гориво и зголемените оперативни трошоци на авиокомпаниите.
Авиопревозниците веќе го намалуваат бројот на летови во летниот распоред, а дополнително ги зголемуваат и надоместоците за чекиран багаж. Од „Саутвест ерлајнс“ предупредуваат дека доколку високите цени на горивото продолжат подолг период, компаниите би можеле дополнително да го намалат капацитетот.
„Доколку горивото остане скапо подолг временски период, природната реакција на авиокомпаниите е намалување на капацитетот“, изјави финансискиот директор на компанијата, Том Докси.
Иако точните линии кои би можеле да бидат укинати сè уште не се објавени, аналитичарите очекуваат први на удар да бидат помалку популарните и нископрофитабилните релации.
Од „Јунајтед ерлајнс“ посочуваат дека дел од линиите и претходно биле на границата на профитабилноста, а со растот на цените на горивото тие би можеле да станат загубари.
Најголем ризик има за летовите со помала фреквенција, особено оние во помалку атрактивни термини. Можно е да бидат намалени летовите во вторник и сабота, како и ноќните и раните утрински линии.
Дополнителен притисок врз нискобуџетниот сегмент создаде и повлекувањето на „Спирит ерлајнс“, која ги прекина операциите по периодот на значително зголемување на трошоците за гориво. Во исто време, други авиокомпании се обидуваат да привлечат патници со поскапи и дополнителни услуги.
<strong>Горивото значително поскапо</strong>
Растот на цената на авионското гориво веќе има сериозно влијание врз трошоците на големите американски авиокомпании.
„Јунајтед“, „Делта“, „Американ ерлајнс“ и „Саутвест“ во вториот квартал од годинава издвоиле речиси 80 проценти повеќе средства за гориво во споредба со истиот период минатата година.
Сепак, високата цена на горивото не е единствениот фактор што ги одредува цените на авионските билети. Од „Делта“ посочуваат дека врз цените значително влијае односот меѓу понудата и побарувачката.
Побарувачката за авионски патувања засега останува висока, и покрај зголемените цени, што им овозможува на авиокомпаниите дел од повисоките трошоци да ги префрлат врз патниците.
Доколку цените на горивото останат високи, а побарувачката продолжи да биде силна, авиокомпаниите би можеле дополнително да го намалат бројот на летови и да ги зголемат цените на билетите, особено на најмалку профитабилните линии.















