
Цената на нафтата продолжи да се намалува шести ден по ред на светските берзи, поттикната од сигналите за можен напредок во разговорите меѓу САД и Иран, како и од очекувањата за стабилизирање на снабдувањето со енергенси.
Цената на „брент“ во средата наутро падна за околу еден процент и се тргуваше за приближно 98,3 долари за барел. Американската нафта ВТИ поевтини за околу 1,5 отсто, достигнувајќи цена од околу 89 долари за барел.
На пазарите дополнително влијаат сигналите од Вашингтон и Техеран. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американските претставници имале „многу продуктивна“ средба со иранските претставници.
Во исто време, Иран испратил предлог до Вашингтон поврзан со Ормускиот теснец, преку кој минува значаен дел од светската трговија со нафта.
Според изјавите на висок ирански претставник, доколку САД преземат чекори за укинување на блокадата што го ограничува извозот на иранска нафта, Техеран би бил подготвен повторно да го отвори Ормускиот теснец во рок од седум дена.
Дополнителен фактор за пазарите се активностите на Саудиска Арабија, која ги забрзува напорите за повторно ставање во функција на нафтоводот Исток-Запад.
Сите овие сигнали ги зголемуваат очекувањата дека дел од нарушените енергетски текови би можеле да се нормализираат, што врши дополнителен притисок врз цената на нафтата.















