
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, присуствуваше на Божествената Литургија во храмот „Св. Благовештение“ по повод празникот на Светите Три Светители – Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов, кој народот го познава и како Ден на бакалите. Литургијата ја чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент и Епископот Велички г. Никола.

Проданоски истакна дека прилепската чаршија и дуќаните не се само место за трговија, туку срцето на градот, каде што се среќаваат луѓето, се споделува зборот и се негува духот на заедништвото. „Прилепскиот еснаф со генерации ја гради таа топлина и препознатливост, а традицијата што се негува од 1954 година нè потсетува колку се важни трудот, чесноста и почитта меѓу луѓето“, посочи градоначалникот.

Тој додаде дека Општината ќе продолжи да биде поддршка за сите дуќанџии и трговци, со цел зачувување на нивниот труд, поттикнување на локалната економија и изградба на уште посилна врска помеѓу традицијата и иднината на Прилеп.
„Нека е за многу години!“, порача Проданоски.























