
Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено и по суви коловози, соопшти Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Сепак, од 9 часот утринава во целосен прекин е сообраќајот на магистралниот пат А3, на делницата Битола–Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница, поради сообраќајна незгода. Засега нема информации кога ќе биде воспоставен нормален сообраќај на оваа делница.
АМСМ информира дека во текот на денот е забележан зголемен интензитет на возила на патните правци надвор од урбаните средини.
На граничниот премин „Богородица“ се чека околу 30 минути за излез од државата и околу 15 минути за влез, додека на останатите гранични премини нема подолги задржувања од македонска страна.
Од АМСМ апелираат до возачите да возат внимателно, да ја прилагодат брзината кон условите на патот и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација.
Посебна претпазливост се препорачува на делниците низ клисури, речни долини и котлини, каде што постои можност од појава на одрони, особено на патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Воедно, АМСМ потсетува дека патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк „Галичица“, во рамки на летниот режим на сообраќај, е отворен за сите возила со маса до 3,5 тони.

















