УТРО.мк

Пожар кај Валандово се заканува на населени места

Пожар кај Валандово се заканува на населени места
Vero

Голем пожар што вчера попладне избувна во валандовското село Грчиште, утринава повторно се активирал поради силниот и топол ветер, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Огнот моментално зафаќа голема површина и се шири во два правци – кон селата Казан Дол и Фурка, и кон општина Богданци.

Во гаснењето се вклучени повеќе од 50 лица од територијалните противпожарни единици, а градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, побарал ангажирање на воздушна поддршка.

Сепак, од ЦУК информираат дека од Министерството за внатрешни работи добиле известување дека поради технички причини, во моментов не е можно да се обезбеди хеликоптерска поддршка.

„Дополнително ЦУК достави барање и до Дирекцијата за заштита и спасување, но до овој момент сè уште нема одговор. Паралелно, испратено е и барање до Генералштабот на Армијата за можност за ангажирање воздушна поддршка и се очекува одговор и од нивна страна“, се наведува во соопштението.

Од ЦУК предупредуваат дека пожарот претставува сериозна закана, бидејќи се работи за подрачје со расфрлани населени места, што носи ризик по животот и здравјето на населението, како и по објекти, имот и инфраструктура во регионот.

Надлежните апелираат на зголемена претпазливост и следење на сите официјални упатства.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран