УТРО.мк

Поплави во Ресенско: Над 50 куќи под вода, излеани три реки – состојбата се следи и во повеќе региони

Поплави во Ресенско: Над 50 куќи под вода, излеани три реки – состојбата се следи и во повеќе региони
Vero

Ресен – Обилните врнежи што го зафатија регионот предизвикаа излевање на Болнска и Источка Река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделски површини, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Поплави се евидентирани и кај селото Долна Бела Црква, каде Голема Река излезе од своето корито. Моменталниот водостој таму достигна 210 сантиметри, што предизвика значителни оштетувања на околниот терен.

На терен се ангажирани екипи на „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, јавни претпријатија и приватни компании. Вкупно седум пумпи работат на испумпување вода, а повеќе багери вршат расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите достапни пумпи за санација на поплавените домови.

ЈП „Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја предизвикани од врнежите, кои се расчистуваат по приоритетен ред.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, ја следи ситуацијата од Дежурниот оперативен центар и е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини. Според ЦУК, обилните врнежи ги зголемија водостоите на реките во повеќе региони низ државата, а поплавени се и подруми, терени и земјоделски површини.

„Состојбата се следи во сите засегнати региони – Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и нивната околина. Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а ЦУК будно ја следи состојбата за навремена реакција“, стои во соопштението.

Екипите остануваат активни се до стабилизирање на водостоите и целосно расчистување на критичните локации.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран