Софија – Во голема координирана акција во Бугарија, разбиена е криминална мрежа што повеќе од 16 години се занимавала со шверц на културни артефакти и античко оружје, соопшти генералниот директорат за борба против организираниот криминал.
Акцијата, изведена во соработка со ЕВРОПОЛ и ЕВРОЏАСТ, вклучувала 131 претрес во кои биле запленети автомобили, сефови и други предмети. При претресите биле пронајдени илјадници културни вредности и повеќе од 50 парчиња античко огнено оружје.
Криминалната мрежа оперирала во Западна Европа, на Балканот, во САД и други региони, продавајќи и пренесувајќи културни артефакти со голема историска и монетарна вредност. Истрагата започнала во 2020 година, по рацијата во Бугарија кога полицијата запленила околу 7.000 културни артефакти, нагласуваат од ЕВРОПОЛ.
Според надлежните, оваа операција претставува значаен удар врз меѓународниот шверц на културни добра и потврдува дека долгогодишните криминални активности можат да бидат разоткриени преку соработка на национално и меѓународно ниво.























