Пожар со сомнително потекло избувна рано утрово на планината Плачковица, на потегот меѓу Радовиш и Берово, при што огнот се шири на тежок и стрмен терен и сè уште не е под контрола. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пожарот е подметнат, а ситуацијата е исклучително сериозна.
На терен се ангажирани повеќе од 180 лица – пожарникари, екипи на ЈП „Национални шуми“ и доброволци од блиските села, додека дејствуваат и два авиони ер-трактори. Вклучени се и седум теренски возила „пинц гауер“, две градежни машини за правење пресеки и четири противпожарни возила.
Истовремено, силни пожари се активни и на други локации низ земјава: на планината Готен кај тромеѓето на Радовиш, Берово и Василево; во селото Дрен кај Прилеп; кај Грешница и Црешнево во Македонски Брод и над селата Селци и Драгоево во Штипско.
Ангелов предупреди дека ситуацијата е комплицирана и од недостигот на меѓународна помош, бидејќи речиси сите соседни земји – Турција, Грција, Албанија, Србија, Хрватска и Словенија – се борат со свои пожари и не можат да испратат дополнителна поддршка.
Надлежните апелираат за максимална претпазливост и за почитување на забраните за палење оган на отворен простор. Истрагата за подметнувањето на пожарот на Плачковица е во тек.