Голем шумски пожар беснее во регионот на Преспа, на албанско-македонската граница, а според извештаите од „Топ чанел“, ситуацијата е критична поради високите температури и силниот ветер кој дополнително го шири огнот.
Пожарникарски единици од општина Пустец, јавни служби и граничната полиција се веќе на терен и се обидуваат да ја стават огнената стихија под контрола. Дел од теренот е тешко пристапен, што ја отежнува интервенцијата.
Овој регион, особено Сува Планина во рамки на националниот парк „Преспа“, не е првпат зафатен од пожар – минатата година во истиот период беа опожарени над 300 хектари.
Надлежните апелираат за внимателност и соработка од граѓаните, додека се прават напори да се спречи преминување на пожарот кон македонската страна.