Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во гостување на емисијата „Актуел“ на Телевизија ТЕРА изјави дека градот е во интензивна градежна офанзива, при што секојдневно е на терен и директно комуницира со граѓаните за нивните проблеми, предлози и забелешки.
„Секојдневно сум со граѓаните, на улица, во кабинет, каде и да треба. Проблемите не се решаваат од канцеларија – мора да се слушаат граѓаните. Тоа е моја предност, веројатно поврзано со претходната професија како доктор, каде мора добро да го сослушате соговорникот“, изјави Коњановски.
Тој нагласи дека е свесен за моменталната состојба во градот, каде во исто време се изведуваат повеќе градежни зафати, но потенцира дека тоа е неизбежно кога се работи на сериозни проекти.
„Се извинувам и барам разбирање – кога градите, нормално е да има хаос. И во сопствен дом кога се реновира, не може без неред. Се совпаднаа неколку големи проекти – капиталниот за топлификација кој е во завршна фаза, асфалтирање улици, и сите тие работи од нашата програма се реализираат. Битола моментално изгледа раскопано, но тоа е цената за промени и подобрување“, рече Коњановски.
Тој подвлече дека 36 институции веќе се приклучени на новиот систем за топлификација, а соработката со изведувачите оди одлично.
„Можевме да не правиме ништо – никој немаше да замери, немаше грешки, но немаше ниту напредок. Јас одбрав да се соочам со проблемите и да барам решенија, затоа што Битола заслужува подобро“, заклучи Коњановски.