
Од СВР Охрид ја информираат јавноста дека од денес (29.04.2026) целосно ќе бидат затворени сите споредни влезови и излези кои досега привремено се користеа на автопатската делница Охрид–Кичево, во близина на селата Требеништа и Мешеишта во Општина Дебрца.
Со оваа мерка се овозможува безбедно и непречено вклучување на сообраќајот на новата автопатска делница, а возачите се упатуваат за користење на единствениот официјален пристап преку клучката кај охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. До оваа клучка се пристапува преку веќе изградени споредни патишта надвор од трасата на автопатот.
Од полицијата апелираат возачите строго да ги почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и упатствата од полициските службеници. На овој патен потег од утре ќе се спроведуваат засилени контроли, со цел спречување на непрописно вклучување на автопатот и зголемување на безбедноста во сообраќајот.























