УТРО.мк

НаТочак испрати предлози до идните градоначалници: 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025-2029

НаТочак испрати предлози до идните градоначалници: 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025-2029
Vero

Четири години по предлозите кои иницијативата НаТочак ги прати до политичките партии за локалните избори 2021-та, вело-активистите сега спремија нови предлози кои повторно им ги праќаат.

Во продолжение, интегрално го пренесуваме целиот допис на НаТочак:

10 чекори до велосипедско и пешачко Скопје 2025-2029 

Во изминатите 13 години НаТочак ги возеше улиците, анализираше, пишуваше и покажа дека на Скопје му се потребни промени во повеќе области за да стане квалитетен град за живеење, град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и возење велосипед.

Скопје започна да се менува на подобро пред 11 години со проектот „Скопје Велоград“ и во 2 градоначалнички мандати (и тоа од градоначалници од спротивставени опции) одржа континуитет во позитивните промени, но во последните 4 години промените стагнираa.

Пред точно 4 години по повод тогашните локални избори, НаТочак изготви листа на „10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025“ кои, за жал, сè уште се актуелни.

Со малку свеж поглед на работите, ги преработуваме во очи наредните локални избори, со надеж дека Скопје повторно ќе се врати на патот кој беше започнат и дополнително ќе го унапреди утврденото, станувајќи град во кој живеењето и посетата ќе бидат пријатно искуство на неговите улици.

Ако може да се сумира сè во 10 точки, тогаш ова се областите каде е потребно да работи идната локална  власт во Градот Скопје и општините:

1.Распространета велосипедска мрежа 

За едно превозно средство да биде практично и употребливо, потребни се поврзани мрежи, не отсечки од патеки тука и таму. Град Скопје започна со планирање на велосипедска мрежа преку проектот Скопје Велоград во 2014, но таа мрежа ниту целосно се изведе, ниту значително се надогради.

Град Скопје како предводник, во соработка со Општините, треба да изготви План за велосипедска мрежа со цел да се обезбедат велосипедски патеки и ленти или велосипедски улици на секои 250 метри (според европските препораки), блиску до сечиј дом/работно/место/дестинација од интерес на жителите и посетителите. Тоа треба да го направат преку праведно распределен буџет за патна инфраструктура (минимум 15+15% за пешачка + велосипедска инфраструктура), праведно распределени улични профили (да не е посветено повеќе од 50% на автомобилскиот сообраќај споредено со пешачки+велосипедски сообраќај + зеленило заедно), патни диети, проширување на регулации и иновативни решенија.

Скопје има околу 144  км велосипедска инфраструктура, зошто да не си поставиме цел да стигнеме до 300 км и да станеме највело-пријателски град на Балканот?

Велосипедски решенија за сите главни сообраќајници. Зголемена широчина и сенки од дрвја на велосипедските патеки на  булеварите. Вело-пријателски крстосници и кружни текови. Велосипедски конектори низ четвртите. Вело-пријателски ГУП и ДУП-ови. Наместо кутар голем, а без визија заробен град на автоцентризмот, Скопје со сеопфатна велосипедска мрежа ќе стане град на транспортни и рекреативни можности за сите!

2.Слободни тротоари и квалитетен јавен простор 

Сите со радост се сеќаваме на убавите јавни простори од градовите низ светот кои сме ги посетиле, не на можноста за паркирање кола пред врата. Сите повеќе си го сакаме маалото и уживаме во деловите на Скопје каде што има слободен и убав простор каде слободно можеме да се движиме и прошетаме. Пречките на тротоарите како нелегално паркирани возила, урбана опрема и сл. ни создаваат напнатост во секојдневието и чувство дека овој град не е град каде жители со права се луѓето. Особено стануваме свесни кога треба да прошетаме мали деца!

Од друга страна, лесно забораваме дека некогаш и на Партизанска не можеше да се движи човек пеш од паркирани автомобили, а денес е една од поомилените променади. Потребна била само политичка одлучност и здраво поставување на приоритетите од градоначалниците. Така убаво и уште поубаво може да ни биде целото Скопје!
Град Скопје, и особено општините, треба да работат на решителна акција за: етапно ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор пошироки, поквалитетни, лесно достапни и пристапни (не со високи рабници) за сите граѓани. Тоа треба да го направат преку добро осмислени и строги политики за јавно паркирање, правила за урбана опрема (контејнери, тераси од кафеани), физичка заштита и квалитетно уредување и озеленување.

Скопје треба да даде палета на содржини во јавните простори!

Ова секако е непосредно врзано со точка 10 и промена на сообраќајниот систем. Кога луѓето ќе добијат квалитетни алтернативи во облик на јавен превоз и велосипедска мрежа, нема толку да имаат потреба од автомобили.

Целиот текст може да го прочитате на radiomof.mk

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран