УТРО.мк

Штекли со шизофрени симптоми – Судот ќе решава дали е способен за судење

Штекли со шизофрени симптоми – Судот ќе решава дали е способен за судење
Vero

На денешното рочиште за предметот „Штекли“, кој се води за организирана трговија со дрога во скопската населба Аеродром, судот соопшти дека ќе го соочи психијатриското вештачење на обвинетиот Раде Трајковски, познат како Штекли.

Одбраната доставила вештачење во кое се наведува дека Трајковски страда од растројство со шизофрени карактеристики, халуцинации и параноидни идеи, поради што, според нив, не е психички способен да ја следи судската постапка. Спротивно на тоа, обвинителството приложи стручно мислење во кое се наведува дека Трајковски е апсихотичен и способен за учество на расправата.

Судијата Илија Трпков најави дека на следното рочиште, закажано за 3 септември, ќе ги повикаат вештите лица од двете страни за соочување на нивните мислења. Во зависност од исходот, судот ќе одлучи на кое вештачење ќе му поклони верба или ќе нареди ново психијатриско вештачење.

Во истата постапка, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – признаа вина, по што постапката против нив беше раздвоена.

Случајот го води Обвинителството за гонење организиран криминал, кое по речиси едногодишна истрага поднесе обвинение против вкупно 10 лица. Дел од нив веќе се спогодиле со обвинителството и добиле казни од три до три и пол години затвор.

Според обвинението, групата била јасно организирана – од набавка, преку складирање во изнајмени станови, до улична продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се продавала по 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и по 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата меѓу членовите се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку системот „Cellebrite“ – алатка за анализа на мобилни телефони донирана од САД.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран