Коста Хиохи, спортски визионер, професор и долгогодишен активист, ќе биде носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Струга за претстојните локални избори.
„Горд сум што имам чест да предводам листа составена од вистински професионалци – луѓе со знаење, искуство и визија, но пред сè родољуби и патриоти кои искрено ја сакаат Струга и се залагаат за нејзин развој и просперитет“, изјави Хиохи, нагласувајќи дека ќе ја продолжи својата институционална борба во интерес на граѓаните.
Познат меѓу стружани како Коки, Хиохи е повеќекратен првак во кајак, професор по спорт и селектор на македонската веслачка репрезентација. Неговиот животен пат е тесно поврзан со реката Црн Дрим и Охридското Езеро, а љубовта кон веслачките спортови го однела на европски и светски првенства.

Покрај спортот, тој е препознаен и како гласен поддржувач на зачувувањето на струшката автентичност – старата архитектура, мостовите и културното наследство. „Струга не смее да го изгуби својот дух. Црн Дрим мора да остане онаков каков што е – со својата природност и убавина“, вели Хиохи.
Во 2025 година беше избран за претседател на Веслачката федерација на Македонија, а од него спортската јавност очекува организациски реформи и посилна поддршка за младите таленти. Освен тоа, автор е на повеќе книги и хроники, меѓу кои и монографијата „Знам за еден град крај езеро“.
Стружани го опишуваат како човек кој успева да ги поврзе младите со спортот, а градот со неговата историја. Со визија, труд и љубов кон својот град, Хиохи денес е симбол на еден нов спортски дух и борец за зачувување на она што е вистински струшко.