Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес одржа средба со претседателката Ана Ристевска и потпретседателката Моника Марковска од Советот за женско претприемништво, на која се разговараше за досегашните резултати и идните активности насочени кон поддршка на жените во бизнис секторот.
На средбата беа презентирани реализираните активности на Советот, кои активно го унапредуваат женското претприемништво во Битола и регионот. Претставничките на Советот ја потенцираа важноста на едукацијата и обуките во областа на менаџирање, следење на трендови и создавање простор за жените и младите да се вклучат во деловниот свет.
Во изминатата година, Советот организираше низа успешни настани кои предизвикаа голем интерес, не само кај локалните претприемачи, туку и кај жени од други општини. Овие активности резултираа со нови вмрежувања, размена на искуства и зајакнување на локалната економија преку женското учество.
Коњановски ја поздрави работата на Советот и изрази подготвеност за натамошна соработка со цел развој на конкретни проекти како:
Организација на конференции и работилници Креирање на регистар за жени претприемачи Поттикнување на регионално вмрежување и соработка
Советот за женско претприемништво продолжува да игра клучна улога во создавање нови можности за жените во бизнисот, а Општина Битола останува отворена за поддршка и заеднички иницијативи.