УТРО.мк

Коњановски: Мерките за вработување се клучни за задржување на младите во Битола

Коњановски: Мерките за вработување се клучни за задржување на младите во Битола
Vero

Во „Кино Манаки“ во Битола денеска беше презентиран Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година. Настанот го отворија заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во присуство на претставници од соседни општини, институции и граѓански организации.

Градоначалникот Коњановски истакна дека овие мерки се клучни за задржување на младите во градот, особено во услови кога економската емиграција е сè поизразена. Според него, локалната самоуправа веќе презема конкретни чекори преку поддршка за младински иницијативи, волонтерски и практикантски програми, како и подобрување на инфраструктурата.

„Ова е во иста насока со активностите на локалната самоуправа – да ги задржиме младите, да им дадеме можности за работа, развој и останување тука. Веќе трета година по ред, преку соработка со УКЛО, реализираме платено практикантство за млади студенти, што претставува одлична шанса за нивно професионално насочување“, изјави Коњановски.

Заменик-министерот Ристески посочи дека планот за 2025 година е најобемниот досега, вреден околу 40 милиони евра, и опфаќа широк спектар мерки за сите категории на невработени, со посебен фокус на младите. Отворени се три јавни повици за самовработување, кои се активни до 20 јуни 2025 година.

„Мерките се прилагодени за различни категории – млади до 29 години добиваат до 10.000 евра поддршка, а лица над 29 години добиваат до 7.000 евра. Ова е значителен раст во однос на минатата година“, рече Ристески.

Настанот го организираше Министерството за економија и труд во соработка со Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото. Заинтересираните граѓани може да добијат дополнителни информации на веб-страницата на Агенцијата за вработување.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран