УТРО.мк

Коњановски: „Големите уметници никогаш не умираат“ – Битола домаќин на промоција на монографијата за Кире Костов

Коњановски: „Големите уметници никогаш не умираат“ – Битола домаќин на промоција на монографијата за Кире Костов
Vero

Битола вечерва беше домаќин на значајна културна промоција – монографијата посветена на композиторот и диригент Кире Костов. Настанот се одржа во чест на еден од најголемите музички автори што градот ги изнедрил, а атмосферата беше исполнета со емоции и почит.

„Кире Костов одамна престана да биде само музичар. Тој е дел од нашата биографија, дел од онаа тивка гордост што ја носиме кога велиме – од Битола сум“, истакна градоначалникот Тони Коњановски, додавајќи дека е особено значајно што токму Битола беше првата станица на ова културно патување.

Според него, вечерта потврдила една универзална вистина – дека големите уметници никогаш не заминуваат, туку живеат низ секоја нота што ќе се изведе и секое срце што ќе продолжи да ги памети.

„Горд сум што првата промоција се случи токму овде, во градот на неговите први чекори и неговиот прв звук. Тоа е потврда дека Битола знае да ги слави своите луѓе и да го чува она што е највредно – културното наследство“, додаде Коњановски.

Тој откри дека заедно со сопругата на маестро Костов, Кармен, ќе продолжат да работат на нови проекти со кои неговото име ќе биде трајно славено.

Промоцијата на монографијата „Кире Костов“ е симболично враќање на еден голем човек во градот од којшто потекнува, и уште еднаш потврда дека Битола никогаш не ги заборава своите големи личности.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран