
Со мјузиклот „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, вечерва во преполната сала на Центарот за култура свечено беше отворено 18-тото издание на БИТ ФЕСТ, најголемата летна културна манифестација во Битола.

На отворањето се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека фестивалот годинава одбележува значаен јубилеј и продолжува да биде еден од најпрепознатливите културни настани во државата.
„Битола и ова лето ќе пулсира со содржините од богатата програма на фестивалот кој од оваа година го организира Културниот и информативен центар КИЦ Битола. Годинава нашиот и вашиот фестивал станува полнолетен, ова е 18-то издание, а желбите се заедно да прославиме уште многу изданија, да ја славиме културата, уметноста и традицијата“, рече Коњановски.

Тој нагласи дека преку фестивалот, заедно со уметниците и публиката, се негуваат вистинските вредности и се збогатува културниот живот на градот.
„Заедно со публиката и уметниците ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола, а секако и на нашата Македонија“, додаде градоначалникот.
Годинашното издание на БИТ ФЕСТ ќе понуди 70 настани избрани од стручна комисија на КИЦ Битола, како и бројни традиционални културни манифестации. Во програмата се вклучени концерти, театарски претстави, изложби, литературни фестивали, детски настани и мултимедијални перформанси.
Фестивалот ќе трае до 29 август, кога ќе биде затворен со јубилеен концерт на групата „Фолтин“.
Со прогласувањето на фестивалот за отворен од страна на градоначалникот Коњановски, Битола и официјално влезе во уште едно лето исполнето со култура, уметност и забава за сите генерации.

















