
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со спроведување на политики насочени кон зајакнување на економијата, подобрување на бизнис-климата и намалување на невработеноста, соопштија од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат позитивни движења на пазарот на трудот. Стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
Од партијата посочуваат дека во првиот квартал од 2026 година биле евидентирани 707.385 вработени лица, што претставува зголемување во однос на 691.736 вработени регистрирани во второто тримесечје од 2024 година.
„Ова претставува значителен раст на бројот на вработени и уште една потврда дека мерките на Владата се движат во вистинска насока“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се истакнува дека позитивните резултати се должат на поддршката за домашните компании, привлекувањето нови инвестиции и мерките за отворање одржливи и добро платени работни места.
Како дел од овие политики, од партијата го издвојуваат Оперативниот план за вработување за 2026 година, чија вредност изнесува речиси 40 милиони евра. Со планот се предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица, а над 32 милиони евра се наменети директно за отворање нови работни места и реализација на активни мерки за вработување.
Посебен акцент е ставен на мерката за самовработување и претприемништво, преку која се очекува отворање на повеќе од 2.000 нови работни места. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека преку истата мерка во рамки на Оперативниот план за 2025 година биле основани повеќе од 2.200 нови правни субјекти.
Младите остануваат меѓу главните приоритети на Владата, велат од партијата. Со Оперативниот план за 2026 година е предвидено вклучување на речиси 6.000 млади лица до 29 години во програми за вработување, обуки и професионален развој.
Дополнително, 3.500 млади лица до 23 години вработени во производствени капацитети ќе добиваат младински додаток од 3.000 денари месечно.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека за младите се обезбедени и практикантства, преквалификации, доквалификации и други мерки за стекнување нови знаења и вештини со цел полесно вклучување на пазарот на трудот.
„Остануваме цврсто определени кон политики што создаваат нови можности за вработување, го поттикнуваат претприемништвото и го зајакнуваат домашното стопанство“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

















